Детство
Александар се родил од бракот на Филип со епирската принцеза Олимпија во 356 п.н.е. на почетокот на месецот хекатомбајон кој Македонците го нарекувале лоос и тоа во шестиот ден, кога во Ефес е запален и храмот на Артемида. Плутарх наведува дека неговото раѓање им било претскажано на Филип и Олимпија. Имено, Олимпија сонувала дека еден гром удрил во нејзиното тело и целата ја запалил. Разбирливо, нејзиниот мистичен ум веднаш го поврзал громот со Зевс (Зевс-Амон, Зевс-Најос) и истиот го сметала како израз на личниот интерес на овој бог-заштитник за нејзиното семејство и нејзината идна плодност. Филип пак, сонувал сон во кој ја запечатил утробата на Олимпија со еден печат на кој имало отпечаток со лав. Кога му ги раскажале соништата на дворскиот пророк Аристандар од Телмес, тој веднаш заклучил дека Олимпија е бремена и носи дете кое ќе има лавовски карактер. Истиот ден кога се му се родил првиот син, кај Филип стигнале гласници кои го известиле за победата над Илирите и за победата на неговиот коњ на Олимписките трки.
Посебните особини кои Александар ги покажувал од мал ја оправдале надежта на Филип дека во неговиот син се наоѓа посакуваниот наследник. Александар во него ги споил многуте карактерни црти од обата свои родители. Од неговата мајка, темпераментна жена подложна на мистицизмот, ја наследил страсната и помалку тврдоглава личност, ирационален копнеж за непознатото и верба во посебна херојска слава. Од татко си ја презел нескротливата волја и енергија, нескротилив карактер, храброст, слава, војнички дар и извонредно практичен дух. Неговата мајка му била поблиска по душа и влијанието на оваа жена оставила неизбришлива трага врз него. Татковиот пак, дипломатски, војнички и политички успех го поттикнало неговото честољубие и ги разгорил неговите соништа за водство и слава. Кај Плутарх се спомнува дека „Александар не сакал да го добие од својот татко златото, раскошот и уживањето, туку го сакал кралството кое ќе му пружи можност за борби, војни и дела полни со чест и слава”.
Никој не можел да го упати подобро во воената вештина од човекот чија власт непрекинато извојувала победи, а војската која ја создал татко му била најсовршеното оружје кое човек можел само да го посака за остварување на неговите желби. Иако зафатен со себеси и со своите работи, рамнодушен и груб спрема својот најближен, Филип очигледно имал слабости спрема својот наследник и со гордост и уживање го следел развојот на неговата силна индивидуалност.
Александар ја имал и среќата да стане ученик на еден од најголемите филозофи и научници во антиката. Кога Александар имал четиринаесет години, Филип го довел Аристотел во Македонија и му го доверил воспитувањето на својот син. Аристотел тогаш имал околу четириесет години и сѐ уште бил далеку од неговата понатамошна слава. Тој бил зет и пријател на малоазискиот владетел Хермиј, кој пак со Филип одржувал добри пријателски односи. После смртта на Платон, Аристотел се повлекол на дворот на Хермиј, каде се наоѓал и кога Филип го повикал во Македонија. Средбата на Аристотел со младиот Александар се прикажува како „еден од најголемите моменти во историјата на човештвото.”[се бара извор] Иако Александар тогаш уште бил дете и потенцијален престолонаследник, а Аристотел уште не ја започнал неговата плодна научна дејност која ќе го прослави низ вековите, не можеме, а да не го видиме во нив она што подоцна ќе станат: генијален, херојски настроен војсководец и обединител на Азија и Европа и генијален философ, во кој се созреала и кулминирала двовековната философска и научна мисла на Хелените.
Во малото место Миези, во внатрешноста на Македонија, во градот Нимфеон, идниот крал и неговите другари врсници биле воспитувани во хеленски дух. Аристотел не сметал дека на идниот владетел му е потребна посебна настава која практично би го подготвувала за должноста која го чекала. Часовите по гимнастички вежби, јавање, лов и игри се замениле со читање песни и разговори за поезијата, со учење геометрија, астрономија, реторика и еристика. Аристотел на својот млад воспитаник му влел огромна љубов кон песната. Тој за него ги рецитирал песните на Хомер и Александар никогаш не се одделувал од овие дела. Негови омилени јунаци биле Херакле и Ахил, кои ги сметал за свои предци. На влијанието на Аристотел врз учењето на Александар, може да се препише и неговото големо интересирање за природните науки, по што и неговите освојувачки војни често добивале карактер на истражувачки експедиции кои ги збогатиле географијата, етнологијата, биологијата, ботаниката, метеорологијата и многу други науки.
Македонското сонце со кралската дијадема во сончевата топка, симбол на Античко Македонското царство
Меѓутоа, во политички поглед, вистинско разбирање меѓу Александар и неговиот учител немало никогаш. Во својот став кон Варварите, Александар повеќе бил следбеник на Антистеновата школа која била долга традиција на македонскиот двор, а не на Аристотеловата. Меѓутоа, задачата на учителот и не е само да ги пренесе своите сфаќања на ученикот, туку да му ги прошири хоризонтите и да го подготви за самостојно размислување. Аристотел останал на македонскиот двор до стапувањето на Александар на престолот на Македонија, но неговата наставничка мисија траела најмногу уште три години.
Младиот владетел и покрај подучувањата од Аристотел останал варварин, се научил да ја почитува културата на Хелада и сонувал за распространување на таа култура на Исток по патеките на неговата победничка војска. Развитокот на грчката трговија и размножувањето на грчките трговски места во Мала Азија создале економска можност и оваа област да стане член на Македонското Царство и Александар се надевал дека од ова место ќе зрачат само македонската и хеленската култура, но тој ја потценувал тромоста и отпорната сила на источниот дух, а и големината и длабочината на источната култура. Квантитетот на Азија излегол премногу крупен спрема квалитетот на Хелада. Во моментот на најголемата слава, во Александар победил духот на Истокот. Тој покрај повеќето жени се оженил и со ќерката на Дариј, ја зел персиската круна и се облекувал како персиските кралеви, го вовел во Европа источниот поим „крал по милост Божја“ и најпосле ја запрепастил Хелада кога во величенствен стил изјавил дека тој е бог. Хелада на тоа се смеела, а Александар се опивал до бесвест, која подоцна го довела и до смрт.
cigot eden
ReplyDelete